25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Сугарески: Ќе се гради експресен пат од Струмица до границата со Бугарија

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, за време на денешниот увид во рехабилитацијата на регионалниот пат Струмица – Ново Село рече дека се фокусирани на унапредување на граничните премини и дека имаат за цел да го олеснат транспортот, да овозможат функционален, брз и безбеден превоз на стока и патници и да ги зголемат меѓународните трговски размени. Во таа насока, вели Сугарески, силно се посветени на подобрување на патната мрежа штоа нè поврзува со соседните земји.

Регионалниот пат Струмица – Ново Село се рехабилитира во должина од 12,3 километри, а вредноста на инвестицијата е во висина од 1,8 милиони евра. Сугарески истакна дека планирана е изградба на експресен пат на овој правец од Струмица до границата со Бугарија, со што ќе се забрза и олесни транспортот и економски ќе се зајакне Југоисточниот Регион.

„Покрај рехабилитацијата на патниот правец Струмица – Ново Село, сакам да истакнам дека го завршивме и патот Берово – Клепало, го реконструиравме патот кон граничниот премин кај Делчево, го рехабилитиравме регионалниот пат Делчево – Пехчево, привршуваме со рехабилитацијата на патниот правец Берово – Виница, а исто така обезбедивме финансиски средства за патниот правец Крива Паланка – Деве Баир и очекуваме во најбрз рок да почнеме со реконструкција. Практично, ако тргнете од Скопје кон Истокот или Југоистокот, го изградивме автопатот до Штип, интензивно работиме на експресниот пат Штип-Радовиш, еве го рехабилитираме и патот од Струмица до Ново – Село, така што имаме брза врска до цел регион, што е од огромно значење за економски раст на земјата и овој регион, за унапредување на транспортот и за поврзување со источниот сосед“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Министерот Сугарески додаде дека капиталните инвестиции, кои само во овој регион моментално се во вредност од преку 100 милиони евра, ќе продолжат да растат и во следниот период, а Владата и понатаму посветено ќе работи на создавање услови за развој на земјата, поквалитетен живот на граѓаните и унапредување на соработките со земјите од регионот.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, истакна дека патиштата во овој регион беа заборавени со децении.
„Граѓаните на овој регион во минатото слушаа многу ветувања што не беа исполнети. Ние ги реализираме ветувањата што ги дадовме пред народот. Покрај изградбата на нови патишта не смеат да се заборават веќе постоечките, како што тоа било случај порано. Затоа во следниот период продолжуваме со рехабилитација и реконструкција на патната мрежа низ целата држава, со вкупна должина од околу 450 километри“ – изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Според градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, рехабилитацијата на овој регионален пат е од големо значење за жителите на Струмица и околината, како и за економски раст на регионот.