23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МЗТ потврдија дека убиеното момче е нивни поранешен кошаркар

Поранешниот македонски шампион, МЗТ Скопје Аеродром потврди дека Никола Христовски, 17-годишното момче кое беше прободено со нож во населбата Ново Лисиче во Скопје до неодамна бил нивни кошаркар.

Тепачката се случила синоќа после полноќ на улицата „Февруарски поход“ во Ново Лисиче. Настраданото момче со брза помош итно било префрлено во клиничкиот центар „Мајка Тереза“, за да му биде укажана лекарска помош, но таму им подлегнал на повредите.

„Со голема тага и неверување утринава ја примивме веста за трагичната смрт на нашиот доскорешен член, Никола Христовски (17 години), кој синоќа беше прободен со нож во населбата Ново Лисиче.

Сѐ уште не можеме да веруваме дека тој повеќе нема да биде со нас, а вечно ќе се сеќаваме на моментите од изминативе неколку години кога можевме да го видиме неговиот секогаш ведар лик на тренинзите на нашата младинска школа. Тренерите кои работеа со него секогаш ќе го потенцираат неговиот ентузијазам и љубов кон кошарката и кон МЗТ Скопје Аеродром.

На неговото најблиско семејство, роднини, пријатели и на сите кои барем малку го познаваа Никола им изразуваме длабоко сочуство за големата загуба, со надеж дека ваква трагедија никогаш и никому повеќе нема да се случи.“, се вели во соопштението на МЗТ.