Реакциите во врска со аферата „Рекет“ не стивнуваат ниту од регионот, ниту од страна на европските партнери на Македонија и од целокупната меѓународната заедница, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата истакнуваат дека, Дорис Пак, претседателката на асоцијацијата на жени во Европската народна партија побарала Европа да реагира за криминалната реалност што се случува во Македонија.
Исто така од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека директорот на меѓународниот републикански институт, Пол Мекарти, за „Гласот на Америка“ во врска со аферата изјавил дека е многу загрижувачки тоа што се случува и побарал истрагата да оди до крај.
„Најзагрижени се граѓаните во Македонија кои се плашат што може ним да им се случи, кога најбрутално биле рекетирани познати бизнисмени. Граѓаните се исплашени бидејќи гледаат дека нема правда во Македонија. Правото кое го практикуваат правосудните органи требаше да доаѓа од идејата за правда, но во Македонија правдата се сведе на идеите за криминал и рекетарско мафијашките банди на власта“, стои во партиското соопштение.
Во него се додава дека премиерот Заев знаел се што се случува и како што се вели, фатен е жив, вплеткан во уцените и изнудувањето на милионски износи.
„Доволен е фактот што најгласните говорници кои го подржуваа Заев одеднаш му го свртеа грбот и го нарекоа корумпиран. На сите им е јасно дека со овие луѓе од власта правдата е само мислена именка“, порачуваат од опозициската партија од каде додаваат дека уште поскандалозни се обидите за манипулација на јавноста и правдањата на Заев.
„Лажно се колнеше во македонштината, лажеше за името, а се правдаше и со црквата кога бараше едно евро за Вицето, за сега да ги правда своите состаноци со Боки Тредичи со наводни хуманитарни проекти. Лицемерно е да бараш правда кога вршиш трговија со истата. Нема човек во Македонија кој што уште му верува на Зоран Заев и функционерите од власта“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Во него се истакнува дека на премиерот Заев не му останува ништо друго освен да си поднесе оставка и да си замине од власта бидејќи, како што се вели, одговорност мора да има и ќе има.