4. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Новинарот на „Ла Верита“ смета дека во Брисел е наредено да се молчи за случајот „Рекет“

Новинарот на „Ла Верита“, Ларис Гајсер, кој ги обелодени снимките од аферата „Рекет“ утрово објави видео колумна.

Во неа, главна цел на италијанскиот новинар со словенечко потекло се Европската унија и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност во заминување, Федерика Могерини.

Новинарот во колумната прашува зошто Брисел молчи за случајот со објавените снимки од разговорите меѓу Бојан Јовановски (Боки 13) и бизнисменот Орце Камчев.

„Без разлика на летниот период, илјадници вработени во внатрешните служби на ЕУ, од кои 220 во делегацијата во Скопје, не успеаја да изнесат ниту еден институционален извештај со надеж брзо да се разјаснат фактите. Наредбата од Брисел да се молчи и да се избегнуваат дополнителни штети на имиџот сигурно била пренесена на кристално јасен начин“ вели авторот.

Изразувајќи убеденост дека и натаму е можно да постои вистинска демократија базирана на информирано јавно мислење и контрола на политичарите, Гајсер прашува како Федерика Могерини може да молчи пред, како што вели, криминалната реалност.

„Во 2015, токму ЕУ инсистираше за СЈО, што му нанесе многу штета на македонскиот народ. Денес, тие од ЕУ задолжително би требало да одговорат, особено на оние внатре во македонска администрација, коишто во изминатите месеци го ризикуваа животот помагајќи ни во објавувањето на материјалот, убедени дека сѐ уште е возможно да се има вистинска демократија базирана на информирано јавно мислење и контрола на политичарите“, пишува Гајсер.

Инаку, Могерини е членка на италијанската левоцентристичка Демократската партија (ПД), која е главен ривал на десничарската националистичка партија Лига на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, на кој Гајсер е голем поддржувач.

Ларис Гајсер е познат по своите екстремно десничарски ставови и по блискоста со лица од европската крајна десница.