Во Македонија со правдата се тргува, се креираат обвиненија со цел некој потоа тоа дебело да го наплати со изнуди и рекет, рече на денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Заев и екипата заедно со нивните слуги во СЈО, обвинителството и судството создаваат случаи за да се рекетираат бизнисмени и уценуваат политичари со опозициони ставови“, истакна тој.
Зборувајќи за случајот „Рекет“, Стоилковски посочи дека Заев и неговите соработници го злоупотребувале државниот апарат за да земаат милиони евра кои потоа, како што кажа, веројатно биле делени во помали Луј Витон торбички, паричници или пак директно во џебови.
„Институциите кои треба ова да го гонат, се одмораат среде истрага дозволувајќи на тој начин да се форматираат телефони, да се бришат форензички комјутери, да се влијае врз докази и сведоци и потенцијални осомничени кои што можат да уживаат на плажи. Тоа е лика и прилика на Русковска обвинителството и Луј Витон правдата која работи по директива на Зоран Заев“, нагласи портпаролот на опозициската партија.
Тој како лицемерни ги оцени пораките на Заев, на Шекеринска и на СДСМ дека институциите треба да го расчистат случајот, бидејќи како, што рече, има признание на ОЈО дека материјалите кои што се објавуваат и тие ги поседувале.