4. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Демократски сојуз: Додека институциите се на одмор има можност да се уништат многу докази за „Рекет“

Во услови кога државата ја тресе катаклизмички криминално политички земјотрес, недозволиво е сите надлежни да се на одмор, велат од политичката партија Демократски сојуз.

Според партијата, мега скандалот „Рекет“ во кој се инволвирани политичари, обвинители, судии, бизнисмени и новинари ја парализира државата и целокупниот правен систем.

„Парламентот е на одмор, а мораше досега да одржи вонредна седница и да расправа за состојбите во СЈО, да ја разреши Катица Јанева и да донесе законски решенија со кои СЈО ќе продолжи со работа во состав на Јавното обвинителство, со висок степен на самостојност, но и контролни механизми над неговата работа“, се наведува во партиското соопштение.

Исто така од Демократски сојуз сметаат дека Владата досега морала да побара од МВР, Финансиската полиција, Управата за финансиско разузнавање, Управата за јавни приходи и Агенцијата за национална безбедност во соработка со Jавното обвинителство, да спроведат темелна истрага и сите вклучени во овој криминал да ги изведат пред лицето на правдата.

„Со ‘одморот’ се даде реална можност да се ништат докази, да се влијае на сведоци, парите од уцени да се дислоцираат во странство, а Македонија да се прогласува за мафијашка држава“, стои во соопштението.

Од Демократски сојуз потенцираат дека необјасниво и неодговорно е власта да повикува на темелна и продлабочена истрага, како да е опозиција, а конкретно да не презема ништо и да дозволи медиумите да ја водат истрагата.