25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МОН се жали до Вишиот управен суд за случајот со одземените ингеренции на Таравари

Во врска со случајот со одземените ингеренции на општина Гостивар за разрешување и назначување директори во основни и средни училишта поради незаконски постапувања од страна на локалната самоуправа во неколку наврати изминатата година кои се констатирани од страна на Државниот просветен инспекторат и Државната комисија за одлучување во постапка од работен однос во втор степен, информираме дека до Министерството за образование и наука е пристигната пресуда од страна на Управниот суд со која се уважува жалбата на општината за донесеното решение за одземање на ингеренциите.

„Ваквата пресуда, согласно содржината на дописот на Управниот суд е донесена поради тоа што од страна на МОН не е доставена целокупната документација во врска со овој случај, како и поради нечитливост на дел од доставените списи. Но, донесената пресуда не значи дека судот потврдува дека општината постапувала законски кога разрешувала и именувала директори на училишта, ниту, пак, значи дека Министерството за образование и наука не постапило правилно со носењето одлука за одземање на ингеренциите во тој дел”, соопшти МОН.

Врз основа на донесената пресуда на Управниот суд, Министерството за образование и наука има две опции, едната е да донесе повторно решение за одземање на ингеренциите на општината и втората, да ја обжали пресудата до Виш управен суд.

„Министерството за образование и наука одлучи да ја искористи втората правна можност и информираме дека веќе е покрената постапка пред Вишиот управен суд, за што е доставена целокупната документација со која Државниот просветен инспекторат и Државната комисија за одлучување во постапка од работен однос во втор степен констатираат низа незаконитости во работењето на општината и врз основа на која е досега постапувано во овој случај.

Се надеваме дека како и пред 1 година, надлежниот орган повторно ќе го потврди незаконското именување и разрешување директори на училишта од страна на општина Гостивар преку носење одлуки врз база на политика и политичка припадност на кадровските решенија”, се додава во соопштението.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, претходно ја објави одлуката на Управниот суд на „Фејсбук“ и напиша: „Министерот за ‘ингеренции’ и ‘докторот за правни науки’, според Управниот суд немал право кога ги одземал ингеренциите за образование на општина Гостивар.
Почитуван ‘доценте’, врати ги ингеренциите, јавно извини се и поднеси си неотповиклива оставка, не поради мене, туку поради учениците и наставниците во Гостивар, кои ги малтретираш сега веќе 2 години!Правдата излезе на виделина!”.