Министерството за здравство информира дека вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП-вакцина од почетокот на епидемијата со морбили (мали сипаници) во целата држава изнесува 34.214. Од нив, 16.333 деца се вакцинирани на територијата на град Скопје, а 17.881 дете се вакцинирани во преостанатиот дел од државата.
Од почетокот на епидемијата во декември 2018 досега дополнително се аплицирани 6.108 дози, од нив повеќе од 60 проценти им се дадени на здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, а другите се контакти и лица над 14-годишна возраст.
Во изминатата недела пријавени се вкупно 7 случаи, од кои 5 се класифицирани како мали сипаници. Од вкупниот број пријавени случаи, 4 се од Скопје и еден е од Куманово.
Во државата остануваат уште 8.642 невакцинирани деца на возраст до 14 години. Потребно е да се засили спроведувањето на вакцинацијата, особено на предучилишните деца надвор од Скопје.
Остануваат во сила претходно препорачаните мерки и активности што ги преземаат центрите за jавно здравје, Институтот за jавно здравје, Министерството за здравство, ДСЗИ и вакциналните служби во пунктовите за вакцинација, со посебен акцент на вакцинација на сите чувствителни категории.
Вакцинацијата е единствената мерка за заштита од мали сипаници.