22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Лазаревска: Новиот закон ќе овозможи основно образование ослободено од дискриминација

Со реформите во образованието децата ќе се воспитуваат во духот на интеркултурализмот и интеркултурната интеракција, рече Жаклина Лазаревска, пратеничка од СДСМ, на прес-конференција, додавајќи дека децата веќе нема да учат да живеат едни покрај други, туку едни со други.

„Собранието го усвои законот за основно образование, кој е прогресивен и по сите европски стандарди и за разлика од досегашното законско решение нуди квалитет и во образовниот и во воспитниот процес, како и целосна инклузија на децата“, истакна пратеничката од владејачката партија.

Како што посочи таа, законот обезбедува образование ослободено од дискриминација и во согласност со заложбите за еднакво општество за сите.

„Се намалува бројот на учениците во паралелките, кои сега ќе бројат меѓу 20 и 30 ученици. Тоа овозможува простор за наставникот да има поголема интеракција со учениците и на секое дете да му посвети поголемо внимание, како образовно така и воспитно. Создаваме услови за организирање на учениците во заедница на паралеки, со што ги мотивираме на активизам и самите преку ученички парламент и ученички правобранител да учествуваат во креирањето на училишните политики“, ги објасни Лазаревска некои од законските одредби.

На крајот таа ја изрази својата убеденост дека новиот закон за основно образование ќе придонесе за градење здрава и образована младина, која, како што рече, е предуслов за градење здраво, граѓанско и просперитетно општество.