23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Корешница стана нов дом на три лица од Заводот „Демир Капија“

Во демиркапиското село Корешница, денеска, почна со работа нов групен дом за три лица со интелектуална попреченост, кои досега беа сместени во Специјалниот завод „Демир Капија“.

Четири негуватели, поддржани од стручни лица од Заводот, ќе обезбедуваат 24-часовна грижа за корисниците и ќе им помагаат да се вклучат во општетсвото. Марија (24), Дарко (23) и Игор (24) добија дом со личен интимен простор и можност да го организираат денот според сопствените желби и интереси.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, градоначалникот на општина Демир Капија, Лазе Петров, и в.д. директорката на Специјалниот завод „Демир Капија“, Александра Велковска, им посакаа добредојде на корисниците во нивниот нов дом.

„Деинституционализацијата ги отвора нашите заедници кон лицата што неправедно беа изолирани со децении. Кога живеете во голема институција, не избирате како ќе го поминете денот, што ќе јадете, немате сопствено катче, целосно сте отсечен, дури и физички од заедницата… Живеењето со поддршка е современа социјална услуга што овозможува корисниците да живеат во средина што личи на семејната, да управуваат со своите животи и да учествуваат во заедницата и токму тоа го овозможуваме во малите групни домови“, рече министерката Царовска.

Царовска истакна дека новиот Закон за социјалната заштита дава можност за развивање и финансирање социјални услуги на локално ниво, во кои се очекува активна вклученост од локалните самоуправи и граѓанските организации.

Општина Демир Капија го обезбеди објектот во кој е сместен домот и тој беше реконструиран со средства на Министерството за труд и социјална политика.

Според директорката на Специјалниот завод „Демир Капија“, Александра Велковска, деинституционализацијата овозможува поквалитетно живеење за корисниците, но и подобри услови за работа на вработените.