24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски пред Орбан изразил загриженост за европската перспектива

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска, заедно со потпретседателот Александар Николоски, во Будимпешта оствари средба со премиерот на Република Унгарија, Виктор Обран.

На средбата, како што посочија од опозициската партија, станало збор за актуелната политичка и економска состојба во земјава, главните предизвици со кои таа се соочува, за стратешките интереси и перспективи, како и прашања поврзани за меѓусебна соработка на партиско ниво меѓу партиите на Мицкоски и Орбан во рамките на Европската народна партија.

Мицкоски посочил дека за ВМРО-ДПМНЕ исклучиво важни се европските перспективи кои, како што вели, се загрозени од неодговорната Влада на Заев. Во тој контекст претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изразил загриженост поради криминалите и корупциските скандали со кои се соочува Владата на премиерот Заев, како и отсуството на правни разрешници на таквите криминални афери кои го загрозуваат функционирањето на правната држава, пренесуваат од опозициската партија.

„И покрај отсуството на реформи и сериозните индиции за криминално работење на владата кое допрва треба да се преиспита, сметам дека е потребно земјава да добие датум за преговори поради фактот што граѓаните не смеат да бидат заложник на неспособноста на Владата, како и поради потребата да се воспостави уште еден контролен механизам врз владата преку поблиско мониторирање на нејзината работа од страна на европските институции“, нагласил Мицкоски на средбата.

„Недостигот на владеење на правото го следат и лоши економски резултати. Наспроти нереалните фалби на Владата и премиерот, граѓаните не живеат подобро, а сиромаштијата и иселувањето стануваат актуелни проблеми“, изјавил Мицкоски.

На средбата станало збор и за песпективите за меѓусебна соработка особено во пресрет на Конгресот на Европската народна партија каде ВМРО-ДПМНЕ и партијата на премиерот Орбан се сестрински партии членки.

Мицкоски истакнал дека е за развој на меѓусебната соработка и афирмација на стратешките цели на Република Македонија.
Инаку, средбата со премиерот Орбан, која беше на државно ниво и со официјален пречек се случила во неговата официјална резиденција во замокот „Кармелита” каде инаку унгарскиот премиер остварува редовни средби со премиери, претседатели и други високи гости.