24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

За што се сомничат уапсените?

Денеска се одржа Прес конференција во просториите на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, на која пред претставниците на медиумите се обратија Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески, Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска и првиот заменик на републичкиот јавен обвинител Лилјана Спасоска. Новинарите беа запознаени со новоотворена истражна постапка против две лица, македонски државјани. Лицата се сомничат дека сториле кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ по чл.359 ст.7 во врска со ст.3 во врска со ст.2 во врска со чл.22 од Кривичниот законик, а едно од нив е осомничено и за кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ по чл.273 ст.1 од Кривичниот законик.

Обвинителството од 02.05.2019 година против овие две лица водеше предистражна постапка при која се собрани повеќе вербални и материјални докази што даваат основ против овие две лица да се отвори истражна постапка. Истражната постапка се води затоа што во периодот од месец ноември 2018 година до месец април 2019 година, првоосомничениот искористувајки го своето влијание врз јавен обвинител, влијаел да се изврши дејствие со кое во истражна постапка ќе се олесни положбата на едно осомничено лице во таа постапка, а второосомничениот битно придонел со тоа што договарал континуирани средби и воспоставување меѓусебен контакт на првоосомничениот со сопругата на осомничениот во таа постапка и лично со осомничениот. На средбите осомничените ги увериле сведоците во влијанието на првоосомничениот врз јавниот обвинител и за посредувањето во два наврати примиле вкупно 1.500.000 евра.

Средбите се одржувале на повеќе места, во домот на сведоците, но и во домот на првоосомничениот. При овие средби од сведокот биле побарани најпрвин 8.000.000 евра за да се запре истражната постапка, а доколку постапката не се запре, тогаш во насока на изнаоѓање на олеснителни околности, сведокот требало да им исплати 5.000.000 евра, со тоа што веќе дадените 1.000.000 евра во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4.000.000 евра било договорено да се исплаќаат сукцесивно на четири месечни рати. Откако осомничените се посомневале во доверливоста на средбите и можноста за откривање на кривично правниот настан, повеќе не остварувале средби со сведокот во таа насока.

За првоосомничениот, покрај ова кривично дело, се води истрага и за кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ по чл.273 ст.1 од Кривичниот законик, затоа што претходно примените парични средства од кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ по чл.359 ст.7 во врска со ст.3 во врска со ст.2 од Кривичниот законик ги пуштил во оптек како легално стекнати пари и со нив купувал предмети, облека, плаќал одмор, иако сето тоа ги надминува неговите приходи.

Ценејќи дека се исполнети законските основи за определување на мерката притвор, обвинителството до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје достави и детално образложен Предлог за определување на мерка – Притвор за двајцата осомничени.