По обидот да се изврши медиумско-политичка диверзија со меѓународни размери, можеме да му честитаме, барем еднаш, на тимот што внимателно, одговорно и аргументирано го одби нападот. Исто такви честитки може да им се упатат и на голем дел од медиумите (нагласувам, медиумите, а не мегафоните), кои одговорно и квалитетно ја известија јавноста за овој случај, пишува Џабир Дерала за Civil.
– Тоа што во текот на ноќта на 8 јули изгледаше како почеток на катастрофа, веќе до пладнето наредниот ден беше како меур од сапуница. Се чини дека македонското општество, сепак, станува отпорно на медиумско-шпионски диверзии. Можеби недоволно брзо, но нешто се движи кон подобро, сепак. Навистина, што се случи?
Моите извори во таборот на опозицијата ме брифираат дека, ноќта по обидот да се изврши оваа медиумско-политичка диверзија со меѓународни размери, била долга и нервозна. Фрчеле телефони, а партиските агитпроп капитени се правдале дека не можеле подобро и повеќе, дека медиумските пиони не биле доволно убедливи и добри, а одговорот на секторот за јавноста бил брз и аргументиран. Се разбира, не можеме да очекуваме јавно признание за тоа („ни у лудилу“), бидејќи така ќе се откријат сите валкани детали за нивната непосредна вмешаност во оваа сторија со краток век.
Можеме со леснотија да установиме дека обидот да се предизвика скандал со објавата на руските пранкстери што го измамија нашиот премиер, едноставно, не успеа. На Путиновите комедијанти-прислужници не им успеа да го испровоцираат Заев да каже нешта што се различни од неговите заложби што се добро познати во јавноста. Снимката е предолга и здодевна, така што не успеа да предизвика ни потсмев во јавноста, иако во настанот не изостанува комичната димензија. Но, комичното и овде е во служба на „неконвенционалните форми на загрозување на националната безбедност“, како што ова прецизно го дефинира професорката и пратеничка Фросина Ременски, пишува Дерала во својата колумна.
Целиот текст на Civilmedia.mk.