24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Кавадарчани фалсификувале американски долари, обвинение против 12 лица, меѓу кои и вработени во банка

Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинителен акт за фалсификување американски долари. Од Обинителството информираат дека обвинението се однесува на 12 лица, од кои првиот фалсификувал пари во својство на поттикнувач.

Обвинителниот акт е поднесен и против седум други лица од Кавадарци за продолжено кривично дело фалсификување пари, како и против четири лица вработени во експозитура на една банка во Кавадарци за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.

Првиот обвинет, во временскиот период од 17 април до 3 мај минатата година, искористувајќи ист траен однос, исти услови и слични околности, во повеќе наврати со умисла извршил повеќе временски поврзани дејства, што претставуваат повеќекратно остварување исто кривично дело. Тој ја искористил деловната соработка и во експозитурата на банката во Кавадарци пуштил во оптек лажни пари – 137 банкноти во апоени од по 50 американски долари. Банкнотите се разликувале од оригиналните според техниката на печатење, видот на хартијата, техниката на печатење на сериските броеви, водниот жиг, заштитниот конец, оптичката варијабилна боја и неимитираната ИП-заштита. Овие банкноти тој ги продал во банката со потврда за купување/продавање ефективни странски пари.

Во истиот временски период, искористувајќи ист траен однос, тој во повеќе наврати поттикнал уште седуммина обвинети да пуштат во оптек лажни пари во апоени од по 50 американски долари. Петмина од обвинетите биле негови роднини, еден бил вработен во неговото правно лице, а еден бил лице што му помага во вршење помошни работи. Тој им дал вкупно 559 вакви банкноти и ги поттикнал да ги заменат во денари, а потоа добиените средства да ги уплатат на сметка на правните лица што се во негова сопственост и во сопственост на уште еден од обвинетите.

Обвинетите вработени во банката, од кои двајца шалтерски работници, раководител и заменик-раководител на експозитурата во Кавадарци, во наведениот временски период, во повеќе наврати, со неизвршување на својата службена должност прибавиле значителна имотна корист за обвинетиот. Обвинетите шалтерски работници во банката примиле и откупиле вкупно 696 лажни банкноти во апоени од по 50 американски долари во вкупен износ од 34.800 американски долари. Тоа го направиле без да извршат рачна и машинска обработка на банкнотите за утврдување на нивната автентичност. Раководителот на експозитурата и неговиот заменик не извршиле контрола на почитувањето и спроведувањето на прописите на Народната банка за постапување при размена на девизни средства, со што на штета на банката е исплатен вкупен износ од 1.727.545 денари.

За обвинетите во сила се претходно определени мерки на претпазливост – повремено јавување кај определено службено лице во Основниот суд Кавадарци и привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, а надлежниот јавен обвинител му предложи на судот овие мерки да продолжат.