24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сугарески: Силно сме фокусирани на изградба на водоводи и канализаци

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, за време на денешната посета на Струмица изјави дека Министерството реализирало над двесетина проекти во комуналната сфера со вкупна вредност од 10 милиони евра. Од почетокот на мандатот, рече дека, покрај патиштата и гасификацијата, фокусот го ставиле и на изградба на канализации и водоводи сè со цел подобрување на животот.

Сугарески заедно со градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, изврши увид во изградба на канализацискиот систем во населените места Дабиле и Просениково.

„Вкупната инвестициска вредност е околу 650 илјади евра. Се предвидува изградба на 16 километри канализациски систем, 8 км во Дабиле и 8 км во Просениково, со што решаваме еден крупен проблем за речиси 3.000 жители во овие населени места. Очекувам до септември ова да биде завршено, проектот се реализира преку Министерството за транспорт и врски во соработка со Општината. Ова е дел од вкупните капиталните проекти што ги реализираме во моментот. Во овој дел од државата инвестираме над 100 милиони евра во капитални проекти“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој додаде дека во Струмица и Струмичко во тек е изградба на патот од Старо до Ново Коњарево, понатаму се реконструира патниот правец од Струмица до Ново Село, а до крајот на месецот ЈП за државни патишта ќе почне со реконструкција на делницата од Василево до Добрејци.

Исто така, оваа година во согласност со програмата на ЈПДП, ќе се распише и јавен повик за изработка на проект за изградба на експресен пат од Струмица до границата со Бугрија, потенцира министерот Сугарески.

Според градоналачникот Коста Јаневски, ова е многу значаен проект за подобрување на животот на жителите во Дабиле и Просениково.

„Во непосредни средби со граѓаните канализациските системи беа на прво место во нивите барања, кои требаше да ги реализираме. Овој проект е резултат на добрата соработка меѓу Општината и централната власт. Во Просениково веќе е завршена изградбата, овде во Дабиле останува да се доработат уште стотина метри, така што на огромно задоволство на жителите ќе се реши долгогодишниот проблем. Останува заложбата на Општината да дозиградби неколку краци и поврзување на домаќинствата“, истакна Коста Јаневски, градоначалник на општина Струмица.

Градоначалникот најави дека Општина Струмица работи на уште неколку други комунални проекти во населените места во Струмица.