23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николовски на состанок со коалиционите партнери: Промените започнаа и ќе продолжат во континуитет

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски попладнево одржа координативен, работен состанок со генералните секретари на коалиционите партнери од мнозинството предводено од СДСМ.

На средбата се разговараше за повеќе актуелни теми, за процесот на промени во интерес на граѓаните, исполнувањето на реформите за напредокот на државата како и за соработката помеѓу политичките партии во самата коалиција.

Николовски го презентираше и новиот систем за работа на СДСМ кој, како што велат од владејачката партија, предвидува и подобра координација меѓу партиите во имплементација и реализација на програмските определби и реформите во интерес на граѓаните.

„Промените започнаа и тие ќе продолжат во континуитет. Заеднички создаваме систем за евалуација на постигнатите резултати и придонесот на секој што презел одговороност да им служи на граѓаните. Соработката помеѓу партнерите е добра, заедничка цел е промените и корекциите што се случуваат да ги засилат екононмските продобивки за сите граѓани. Интересите на граѓаните и напредокот на државата се на прво место“, велат од СДСМ во соопштението за средбата.

Во рамки на состанокот, било оценето дека редовни средби на ниво на генерални секретари на партиите од коалицијата позитивно влијаат во подобрување на координацијата меѓу партиите на оперативно ниво.