24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар“ на Криволак

Офанзивни операции на пешадиската баталјонска група на Армијата, заедно со припадниците на Националната гарда на Пенсилванија од САД, воздухоплови на Армијата, како и воздухопловот Б-52 на вооружените сили на САД, можеа да се видат на денешниот Ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар“ која вклучува над 2.700 припадници на армиите на Република Северна Македонија, САД, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Литванија, а се реализира до 9 јули на полигонот „Криволак“.

Претседателот и врховен командант, Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и в.д. амбасадорката на САД, Микаела Швајцер-Блум, импресионирани од прикажаното сојузништво, високата подготвеност, капацитетите на војниците од земјите – учеснички и капацитетите на Крвиолак.

„Денешната вежба покажа дека припадниците на Армијата на Република Северна Македонија се на исто професионално ниво со останатите армии во Алијансата со што покажуваат по којзнае кој пат дека се навистина достојни да нè претставуваат во сите мисии во светот каде што се брани глобалниот мир и безбедноста и се најдобриот доказ дека нашата земја треба да стане членка на Алијансата што е можно побрзо“, рече претседателот Пендаровски. Додаде дека со одржување на оваа вежба, полигонот Криволак е дефинитивно признаен како еден од најдобрите воени полигони во Југоисточна Европа, со што се отвораат врати за негово почесто користење од нашите сојузници во Алијансата во наредниот период.

Премиерот Заев посочи дека е горд на припадниците на нашата Армија, на покажаните вештини и на сето она што тие го демонстрираа на вежбата. „Покажуваме еднаквост во партнерството со нашите сојузници, со земјите членки на НАТО. Горд сум на нашата војска затоа што демонстрираше денеска пред нас, еднаква подготвеност во вежбовните активности. Горд сум на сите наши војници затоа што имаат и желба да се усовршуваат и да напредуваат“, рече премиерот.

„Република Северна Македонија набрзо ќе стане 30 членка на НАТО алијансата. Тоа значи не само седење на истата маса, туку и заеднички вежби, заедничка обука, заедничко учество во операции со кои се гарантира и нашиот и светскиот мир. Ние денеска овде на сите скептици им покажавме дека Северна Македонија има што да и понуди на Алијансата – има да и понуди обучени, професионални војници и офицери и има да и го понуди и овој одличен полигон Криволак, кој што ја покажа и својата сила и својот капацитет и своите потенцијали“, потенцираше министерката Шекеринска.

Министерката им изрази комплименти на илјадниците војници и офицери кои повеќе од еден месец напорно работат како дел од вежбата, но и на стотината офицери кои речиси две години работеа на планирањето на „Одлучен удар“.

„Ќе станеме членка на НАТО, денеска покажавме дека тоа го заслужуваме. Заедно сме посилни“, заклучи министерката.

Вршителката на должност, амбасадорка на САД, Микаела Швајцер-Блум, порача дека вежбата „Одлучен удар“ потврдува дека „нашите војски можат да комуницираат и работат заедно, ја зајакнуваат нашата силна врска и сите нас нè прават побезбедни“.

„Одлучен удар е моќен пример за тоа како силите на Република Северна Македонија се подготвени да работат со сојузничките воени сили на НАТО за решавање на идните закани. Тоа е исто така доказ дека Република Северна Македонија веќе придонесува кон Алијансата“, рече Швајцер – Блум. Истакна дека америкаснките војници ја ценат можноста да работат заедно со нивните колеги од Северна Македонија и се заблагодари за организацијата и планирањето на вежбата.

Денот за високи гости го отворија началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, командантот на Здружената оперативна команда, генералот Павле Арсоски и директорот на вежбата, потполковникот Игор Манасовски.

На Денот за високи гости на полигонот „Криволак“присуствуваа и министрите Бујар Османи, Оливер Спасовски, Драган Тевдовски и Љупчо Николовски, заменикот министер Андреј Жерновски, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на Северна Македонија, САД, Бугарија, Албанија, Грција и НАТО, како и амбасадори и одбранбени аташеи акредитирани во земјава.