24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

„Катимерини”: Датум за преговори со Северна Македонија во септември, за Албанија не

Северна Македонија веројатно кон крајот на годинава ќе добие поддршка од ЕУ за почеток на преговорите за членство, додека во случајот на Албанија и пристапните преговори со ЕУ на таквата одлука се противат Франција, Германија и Холандија, пишува грчкиот весник „Катимерини”, повикувајќи се на дипломатски извори.

И покрај реториката дека ЕУ треба да прифати нови членки од Западен Балкан, со цел тие земји да го зајакнат својот европски пат и да се маргинализира кинеското и руското влијание, прашањето за миграција предизвика сомнежи во некои северни држави на Унијата.

Со голема поддршка од мнозинството земји-членки на ЕУ и ЕК, Северна Македонија и Албанија се надеваа дека европските министри на состанокот во вторник во Луксембург ќе дадат зелено светло за почеток на преговорите за членство. Таквата одлука на министрите би го отворила патот за нејзино одобрување од страна на лидерите на ЕУ на самитот во Брисел на 20 и 21 јуни.

Постои опција во септември да се постигне нов договор меѓу владите на земјите членки на ЕУ, но само за Северна Македонија.

– Северна Македонија има добри шанси за почеток на преговори за членство во ЕУ, имајќи го предвид постигнувањето на историскиот договор со Грција околу името на државата, истакна висок официјален претставник на Унијата, наведува „Катимерини”.

Истиот дипломатски извор вели дека Албанија и понатаму е огромно прашање за некои влади на земји-членки и воопшто не изгледа ветувачки.

Според мислењето на Транспаренси интернешанл, една од најкорумпираните земји во Европа е токму Албанија, која е членка на НАТО, но постигнала само мал напредок во борбата против перење на пари иако менувала корумпирани судии и обвинители, тврдат американски и европски претставници.

Во јуни минатата година Франција и Холандија неочекувано го блокираа почетокот на преговорите со ЕУ за Северна Македонија и Албанија, барајќи дополнителни реформи.

Холандскиот парламент на 11 јуни усвои резолуција против отворање пристапни преговори со Албанија, додека Северна Македонија доби поддршка од холандските пратеници.