23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МОЗАИК

Русин се спасил од мечка одгризувајќи ѝ дел од јазикот

Жител на руската република Тува во јужниот дел на Сибир успеал да се избори со една мечка, одгризувајќи ѝ дел од јазикот, соопшти портпаролот на Министерството за внатрешни работи на републиката, пренесува „Спутник“.

Инцидентот се случил на 2 јуни кога тројца жители на Тува биле во шумата на територијата на природниот резерват Хутински во областа Пи-Кем. Тие запалиле оган, готвеле храна и собирале еленски рогови во блиската шума.

Еден од мажите имал ненадејна средба со мечка. Тој почна гласно да вика да го заплаши животното, но мечката го нападнала. Меѓутоа, тој се покажа како тежок плен и успеал да ѝ одгризе дел од јазикот на мечката, принудувајќи ја да се повлече во шумата.

Потоа човекот успеал да ги повика своите пријатели на помош, а тие, пак, побарале брза помош. Човекот бил хоспитализиран со повреди на лицето, главата, рацете и на абдоменот.