24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Премиерот Заев на Националната радиотелевизија: Растот на БДП од 4,1%, рекордно ниската невработеност од 17,8% и враќањето на парите кон социјално ранливите категории носат развој на општеството

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, со министерот за здравство Венко Филипче, и со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, вечерва учествуваа на Националната радиотелевизија, за да ги сумираат остварувањата на во изминатиот период во делот на секторите што ги обезбедуваат услугите за граѓаните, како што се социјалната заштита, здравството, и сервисите на јавната администрација.

Во “Две години Влада – одговорно пред граѓаните“, вечерва и на Националната радиотелевизија, премиерот Заев истакна дека со внатрешна мотивација за решавање на сите затекнати слабости, земјата е донесена пред членството во НАТО, со безусловна препорака за отворање на поглавјата со ЕУ. Испорачавме, сега треба и ЕУ да испорача зашто сите земји членки велат дека немаат ниту една замерка за напредокот.

Во меѓувреме, истакна премиерот Заев, со силно темпо ги остваруваме економските резултати кои ја релаксираат ситуацијата дома.

„Со растот на БДП од 4,1% се создава трендот кој ќе го овозможи покачувањето на пензиите и по овој основ, а намалувањето на невработеноста од 22,6% на 17,8%, води кон остварување на целта, стапката на сиромаштија да биде под 16 проценти“, истакна премиерот Заев и додаде дека со растот на приходите и со растот економијата, ќе продолжи враќањето на парите кон социјално ранливите категориии, со што се создава нов силен потенцијал за равој на општеството.

Тоа е силен показател дека се создава амбиент за стабилна борба против сиромаштијата, во која влегуваме сеопфатно, рече министерката за труд и социјална политика Царовска.

„Поентата на социјалната реформа е да ги внесе најранливите во системот и да им обезбеди шанса за пазарот на трудот. Спроведуваме социјална реформа која концептуално го трансформира општеството зашто во неа има фактори за економски, и човечки потенцијал, за развој на нашата држава“, нагласи Царовска.

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, ги презентираше најважните остварувања во делот на квалитетни здравствени услуги и за изградба на достапен, квалитетен и долгорочно одржлив систем на здравствена заштита што ќе обезбеди врвни услови за работа на медицинскиот кадар, за негов развој во струката, за достојни плати.

„Промените создаваат систем за да запре одлевањето на парите на граѓаните кон странските здравствени системи. За прв пат воведовме каталог на ретките болести со протоколи за нивно третирање, и обезбедивме посебен, најголем дел од буџетот на министерството за обезбедување лекови за лицата со ретки болести. Зголемени се платите на здравствените работници, и коефициентите за исплата на дежурства, ноќен труд и дополнителна работа на здравствените работници. За прв пат, приватните специјализанти земаат плата за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар, а со измената на законот за здравствена заштита, секој млад лекар добива шанса да се ангажира во системот на јавно здравство “, рече министерот Филипче

„Воведовме револуционерен чекор во изборот на високата раководна служба за деполитизација на јавните администрација. Тоа е само еден чекор од многуте системски промени за поефикасна јавна администрација. Дигитализацијата се спроведува интензивно како најдобра алатка за приближување на услугите до граѓаните. После Скопје, центрите „Една точка за услуги“ за исполнување на административните потреби на граѓаните и ќе бидат отворени и во Куманово, Тетово и Охрид. Со Националниот портал за електронски услуги кон граѓаните ќе ги доведеме сервисите најблиску до граѓаните, преку нивните мобилни уреди. Тоа е нашата цел“, потенцираше Манчевски во емисијата “Две години Влада – одговорно пред граѓаните“ на Националната радиотелевизија, на која учествуваа и претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, со министерот за здравство Венко Филипче.