„Додека цела Европа бележи економски раст, сидрото на Зоран Заев ја закотви македонската економија убедливо на европското дно. За овие две години со СДСМ, Македонија има раст од мизерни 2,05 проценти кои се многу далеку од 5 или 7 отсто кои Заев ги ветуваше“, вели опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Опозицијата обвинува дека долгот на државата е зголемен за нови над половина милијарда евра, а како резултат на задолжувањата, јавниот долг веќе изнесува повеќе од 5 милијарди евра и за прв пат ја надмина психолошката граница од над 50 проценти од БДП.
„За две години СДСМ потроши повеќе од 9 милијарди евра буџет, а граѓаните не видоа никаков бенефит. Две години со ред државата ги има највисоките буџети во историјата, а ништо не е подобрено, напротив се е влошено и никој не знае каде завршуваат парите на граѓаните. Никаде ги нема новите болници, училишта и студентски, а ги нема ни толку најавуваните 600 километри нови нов автопат и 550 километри магистрални и регионални патишта. За неработата на власта во инфраструктурата говори и фактот што автопатот Штип – Миладиновци кој ВМРО-ДПМНЕ го остави во завршна фаза, СДСМ не се способни повеќе од две години да го пуштат во употреба“, велат од опозициската партија.
ВМРО-ДПМНЕ укажува и на ниска реализација на капитални инвестиции во историјата на државата.
„За првите 4 месеци во 2019 тие изнесуваат 9,83 проценти што е полошо од минатата година која беше најлошата година по реализација на капитални инвестиции“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оценуваат дека единствено во земјава растат криминалот, корупцијата и бизнисите на функционерите од власта.