23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(видео) Локвенец: Добивме најпозитивен Извештај од ЕК, признание за успесите и мотив да продолжиме

Интегрално ја пренесуваме изјавата на Хари Локвенец од СДСМ:

Го добивме најпозитивниот извештај на Европската комисија за нашата татковина.

И горди сме и задоволни сме.

Европската комисија даде чиста, безусловна препорака за почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ. Нашата земја се посочува како „светол пример“ во целиот регион.

Најпозитивниот Извештај е потврда за успешноста на реформските процеси и исправноста на политиките на Владата, Собранието, институциите.

Добивме уште едно признание за големите, историски одлуки што ги донесовме за само една година, за остварените реформи, но и за позитивната улога што нашата земја ја одигра во регионот.

Покажавме дека сме подготвени да носиме храбри, историски одлуки, и да покажеме политичка зрелост и европски манири да делуваме во интерес на граѓаните и нивната европска иднина.

Тоа е признаено и соодветно вреднувано од Европската комисија.

Чистата препорака и вреднувањето на сработеното од Европската комисија, ги зајакнува очекувањата, оптимисти сме дека почеток на преговорите е реалност.

Силно веруваме дека заслужуваме одлука за почеток на преговорите, што ЕУ ќе ја донесе врз основа на нашите заслуги.

Како што со задоволство ги примаме позитивните оценки кои доминираат во Извештајот, ги прифаќаме и забелешките кои ќе ни помогнат да бидеме и подобри и поуспешни.

Овој Извештај и безусловната препорака за почеток на преговорите се доказ за успешните процеси, но и дополнителен мотив, да ги вложиме сите капацитети во  реализација на процесот на интеграција во ЕУ.

Република Северна Македонија продолжува напред. Остануваме на евроатлантскиот курс. Ги реализираме врвните национални и стратешки интереси како членството во ЕУ и НАТО.