16. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Стево Пендаровски со честитка по повод 24 Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј.

Почитувани сограѓани,

Дозволете да ви го честитам 24 Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј. Овој голем празник посветен на Светите браќа Кирил и Методиј, кои со своето дело им го отворија патот на словенските народи кон описменување и духовност, е темел и на македонското јазично, културно и духовно суштествување како рамноправен народ во семејството на словенските народи.

Светилниците на словенската цивилизација и писменост и заштитниците на Европа, Св. Кирил и Методиј се изборија за правото на употреба на старословенскиот јазик во богослужбата, докажувајќи дека не постојат мали и безначајни јазици. Нивната визија и вредностите што ги промовираа и по повеќе од десет века се актуелни и релевантни.

Честитајќи го големиот празник би сакал да потсетам дека делата и поуките што ни ги оставија Светите браќа нè обврзуваат да се стремиме кон еднаквост и рамноправност, и да градиме општество со еднакви можности за сите без разлика на род, вера, етникум или која било друга припадност. Општество во кое образованието и културата се од суштинско значење и право на секој наш граѓанин.

Нека ни е честит 24 Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј.

Можеби ќе ве интересира

Полицијата ја спаси жената што се фрли во водите на реката Вардар (ВИДЕО)

ДЕСК

Полицијата трага по исчезнато 19 годишно девојче

ДЕСК

Во скопски хотел пронајден починат 44 годишник – полицијата истражува

ДЕСК