23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Дескоска: Кривичните постапки за одговорност за злоупотреба на АКМИС-системот даваат резултати

Министерката за правда, Рената Дескоска, се обрати на денешната конференција со наслов „Поглавје 23: Македонското сидро или едро“, која се одржа во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ).

Изгласаните закони во областа на правосудството и борбата против корупцијата, како Законот за судовите, Законот за Судскиот совет и Законот за управните спорови, Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите и новоформираната ДКСК, овозможувањето пристап до правда за маргинализираните категории граѓани, драстично намалените казни за фирмите и граѓаните, новата тарифа за извршителите и нотарите – се дефинитивно едро и ветар во грбот за целокупниот процес на интеграции што нè придвижуваат кон заедничката цел: членство во Европската Унија.

„Денешната конференција има многу креативен наслов – ‘Поглавје 23: Македонското сидро или едро’, кој, претпоставувам, упатува на една метафора на целокупниот процес на евроинтеграции како еден тип што нè влече напред кон подобри состојби во државата, но кога ќе ги постигнеме стандардите, се надевам дека ќе успееме тие вредности да ги закотвиме во нашата држава и да ги исполниме очекувањата на граѓаните во делот на правосудството и заштитата на човековите права, нешто што се наметнува како насушна потреба на сите граѓани“, потенцира Дескоска.

Како своевидна потврда за успешно спроведените реформи министерката Дескоска ja цитира изјавата на еврокомесарот Хан од отворањето на Виенскиот економски форум: „Чест ми е да ја презентирам успешната приказна на Северна Македонија. Приказна за тоа како една визија, политичка промена и определба може да го измени патот на земјата. Честитки за Северна Македонија“.

Во насока на воспоставување независно, непристрасно, одговорно и ефикасно судство, министерката Дескоска елаборира за преземените активности за реконструирање на законската рамка во правосудството.

„Изготвивме нов Закон за Судскиот совет, како и измени на Законот за судовите за кои Венециската комисија даде позитивни мислења. Имено, Комисијата заклучи дека реформите во правосудството се позитивни и дека постои усогласување на домашното законодавство со меѓународните стандарди. По однос на предлог-законот за Судскиот совет, Венециската комисија оцени дека одредбите се јасни и во согласност со меѓународните стандарди, а нивната правилна имплементација може да обезбеди независност и ефикасност на судството“, истакна Дескоска.

Со измените на Законот за судовите се доуредија и зајакнаа одредбите за дисциплинска одговорност на судиите, прецизни основи за разрешување на судиите, покачување на критериумите за избор на судии, како и задолжителна академија за избор на судии.

„Во новиот Закон за Судскиот совет имаме воспоставени механизми за одговорност на самиот Судски совет доколку не ја врши својата работа. Значи, одговорните судии доколку не бидат казнети или разрешени од страна на Судскиот совет, ќе повлечат одговорност на самите членови на Судскиот совет“, потенцира Дескоска. По однос на наодите од претходната година, утврдени во првиот извештај од надзорот за функционирање на АКМИС-системот, во моментот пред Основното јавно обвинителство Скопје се води предистражна постапка.

„За злоупотребата на АКМИС-от или распределбата на предметите, ставена е основа за одговорност на судија што ќе прими предмет распредлен надвор од АКМИС-системот, следува постапка за разрешување, исто така и за претседател на суд што ќе распредели предмет надвор од АКМИС-от, ќе биде разрешен. Поведените кривични постапки за одговорност за злоупотреба на АКМИС-системот даваат резултати. Од почетокот на оваа година формиравме комисија што прави надзор во повеќето судови како функционира АКМИС-системот. Досега е завршен надзорот над шест суда, поднесени се извештаи, веќе гледаме драстично различна ситуација од она што го имавме во претходниот период. Сега резултатите покажуваат дека претседателите не се дрзнуваат да распределуваат предмети под рака или на начин недозволив од законот“, истакна Дескоска.

„Круна на целокупната работа беа донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и изборот на новата антикорупциска комисија, што покажува дека навистина имавме искрена и добра волја во креирањето на законската рамка. Оваа искреност се одразува во секојдневните активности на ДКСК, каде што гледаме посветено работење кое ги дава своите резултати“, потенцира министерката.

Министерката Дескоска се надева дека со почетокот на имплементацијата на Законот за Судскиот совет и Законот за судовите таквата промена ќе ја видиме и почуствуваме во Судскиот совет како резултат на она што е направено со креирањето на законската рамка.