Втората од серијата јавни дискусии за нацрт текст на „Националната стратегија за равој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“, се одржа денеска во Битола. На оваа јавна дискусија воведни обраќања имаа заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија, Рубин Земон, како и директорот на Младинскиот културен центар во Битола, Сашо Додовски.
На оваа јавна дискусија со свои излагања учествуваа и претставници од граѓанскиот сектор, локалната самоуправа, а беше проследена и од активисти и медиуми.
Во своето обраќање заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески го потенцираше партнерството кое треба да се зацврсти меѓу општините, носителите на јавни функции и граѓаните, со цел да се воспостави општество во кое што сите граѓани и заедници ќе се чувствуваат еднакви во остварувањето на своите права и слободи.
„Стратегијата е отворен документ кој што треба да пулсира со потребите на општеството и затоа треба да произлезе токму од граѓаните, затоа што тие најдобро знаат што им треба. Идејата е до крајот на годината да биде донесен тригодишен документ кој што ќе ги поттикне процесите на соработка и почитување во функција на градење на едно општество за сите, подобро и попросперитетно во кое што секој граѓанин ќе може да си го најде своето место, да живее безбедно, да работи и да придонесува за развојот на државата и на општеството“, утврди заменик министерот Павлески.
Заменик министерот ги потенцираше активностите кои се предвидени во областа на локална самоуправа, како обезбедувањето на правичен пристап до јавните услуги на локално ниво, особено во руралните средини, како и достапноста на услугите за лицата со попреченост и маргинализираните групи со физички пристап до јавните објекти и администрација, меѓуопштинска соработка, транспарентност и отчетност на општините кон граѓаните, кои ќе доведат до остварување на заедничката цел преку модел кој ќе биде автентичен и препознаен во светот.