23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Алијанса за Албанците: Албанскиот јазик е изоставен од новите банкноти, залудно беше чаламењето на ДУИ

Владата на СДСМ-ДУИ, заедно со Народна банка на Северна Македонија, вчера нѐ известија дека на новите банкноти нема да фигурира албанскиот јазик, велат од Алијанса за Албанците.

Од партијата ценат дека ваквата одлука е неправедна и е во спротивност со Законот за употреба на јазиците.

„Со овој закон се предвидува банкнотите и полициските униформи да бидат и на албански јазик, или како што е предвидено, со јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од населението на целата територија на Северна Македонија“, се наведува во партиската реакција.

Во неа се додава дека ваквиот развој на настаните покажува дека владата на СДСМ-ДУИ, која, како што се вели, постојано се повикува на двојазичност и се обидува да претставува вредности на јазична еднаквост, не е доволно подготвена целосно да го имплементира Законот за јазиците.

„Најавата на гувернерката на Народната банка, дека новите банкноти со новото име на државата ќе бидат без албански јазик и само на македонски јазик, ја вади на виделина демагогијата и чаламењето на ДУИ, која постојано на предизборни кампањи и во телевизиски дебати истакнуваше дека новите банкноти и полициски униформи ќе бидат и на албански јазик“, стои во соопштението.

Од Алијанса за Албанците воедно му се обраќаат и на премиерот Зоран Заев, кого го потсетуваат дека во оваа држава повторно ќе има избори на кои тој и неговата партија не ќе можат да манипулираат со Албанците со јазична еднаквост.