Поглаварот на Римокатоличката црква Папата Франциск во рамки на апостолската посета на Република Северна Македонија, по официјалниот пречек и средбата со претставниците на државниот врв, претседателот на државата Ѓорге Иванов и претседателот на Владата Зоран Заев ја посети Спомен куќата на Мајка Тереза каде се сретна со највисоките претставници на Македонската православна црква, на Исламската верска заедница, останатите верски заедници, религиозните лидери, роднини на Мајка Тереза и граѓани од ранливи категории.
Во Меморијалниот центар ,,Мајка Тереза” Папата Франциск беше пречекан од Главната сестра и три сестри на Сестрите Мисионерки на Божјата љубов, редот на Мајка Тереза и едно дете кое му предаде букет цвеќе.
Папата Франциск се помоли пред реликвиите од Мајка Тереза изложени на олтарот во Капелата во Меморијалниот центар на света Мајка Тереза.
,,Молиме, Света Мајка Тереза, мајка на сиромашните, твое посебно застапништво и твоја помош, тука, во градот на твоето раѓање, каде беше твојот дом. Тука сте го добиле дарот на повторното раѓање во светите тајни на христијанската иницијација. Тука ги слушнавте првите зборови на верата во твоето семејство и во заедницата на верниците. Тука научи од твоите родители да ги сакаш оние кои имаат најмногу потреба и да им помагаш”, спомена меѓудругото во молитвата Светиот Отец Папата Франциск.