Државата и покрај сменето име остана без почеток на преговори во јуни, велат од ВМРО-ДПМНЕ од каде додаваат дека тоа е така затоа што нема реформи.
„Заев и Пендаровски добија насока за спроведување на сет на реформи меѓу кои: Правосудни реформи, борба против организиран криминал и корупција вклучително и на високо ниво и реформи во разузнавањето и безбедносните структури, како и реформа на јавната администрација. Ништо од ова не е исполнето“, посочуваат од опозициската партија.
Како што истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Пендаровски потрошиле две години од животот на граѓаните и наместо да направат нешто, тие ја вратиле државата назад.
„Со Заев и Пендаровски во Република Македонија цвета само криминалот. Државата тоне, а луѓето се заглавени во безнадежност. Време е да се промени лошата пракса и државата да почне да ниже успеси“, се наведува во партиското соопштение во кое се додава и дека гласот за Гордана Сиљановска е глас за реформи, за просперитет, за право и правдина.