Во во Дебармаало, во малото паркче спроти „Наџак“ и „Идадија“ во сабота на 27 април со почеток во 12.00 часот ќе се одржи мала церемонија со садење на дрво во чест на Горан Стефановски, проекција на негови фотографии, интервјуа, предавања, слушање на неговата најомилена музика, и “отворен микрофон“ (open mic) на кој сите што сакаат ќе можат да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со Горан
Ова скопско маало има култно, скоро митско место во современата македонска култура а Стефановски имаше голем удел во креирањето на неговиоот урбан дух.
По иницијатива на МАНУ, во состав на малата церемонија ќе биде посадено дрво во чест на Стефановски што ќе го симболизира неговото духовно враќање дома во Македонија.
Стефановски си го разјасни својот став кон губењето на душата на Дебармаало, како и кон рушењето на општествените вредности во нашата земја, во својата драма Демонот од Дебармаало, каде се разбира единствениот простор и време се маалото и Идадија. ,,Без маало нема држава!’’.
Прославата на животот на Стефановски е предвидена како мал увид во неговиот личен, семеен и творечки живот. Јавноста го знае како познатиот драмски писател, есеист и мудрец, кој низ град одеше пеш со насмеано лице, но ова ќе биде можност неговата фамилија и блиски пријатели да ја претстават неговата друга страна, како татко, сопруг, дедо и фанатик на Битлси, преку проекција на фотографии од неговото најрано детство до крајот на животот, проекции на видео интервјуа, говори, и кратки семинари водени од него, видеа и фотографии од претстави по неговите текстови (во соработка со Драмскиот театар и ФДУ), слушање на неговата најомилена музика, и “отворен микрофон“ (open mic) на кој сите што сакаат ќе можат да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со Горан.