23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски во Берово: Потребна ни е голема победа

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на митинг се обрати пред граѓаните во општина Берово. Мицкоски пред присутните потенцира дека по изминати илјадници километри низ државата и разговори со илјадници наши сограѓани, заклучокот е дека на овие избори победува професорката Гордана Силјановска-Давкова затоа што граѓаните сакаат промени и, конечно, овие политички измамници на власт да ги пратат на темната страна на политичката историја.

„Граѓаните, без разлика на нивната етничка припадност, споделуваат иста мака, сите денеска ги критикуваат лагите, неисполнетите ветувања, нереализираните очекувања, кои Зоран Заев и СДСМ на претходните избори и ги испорачаа. Ветуваа живот дека ќе донесат, донесоа пекол, затоа ни е потребна голема победа. Да го поразиме деспотот заедно со неговиот деспотски избран кандидат“, истакна Мицкоски.

Тој посочи дека не може во Европа да нè однесе политички измамник кој лаже дека го зајакнал идентитетот, а пред зградата на Владата се срамеше да слушне „Денес над Македонија се раѓа“ и дека „Македонците се борат за своите правдини“, човек што се срами да каже дека во северна Грција живеат Македонци, кои пеат македонски песни и играат македонски ора.

„Во Европа не се оди по принципот на Мирчо свињарникот „евро за Вице и евро за црквата“, во Европа не се оди по принципот „живи луѓе ќе јадеме“, во Европа не се оди со диктирани обвиненија и нарачани судски пресуди, во Европа не се оди со политичари што затвораат ски-патеки за да може да се санкаат со другарчињата. Во Европа се оди со реформи, со богати граѓани и богата држава, сè она што денеска не е Република Македонија“, нагласи Мицкоски.

Тој истакна дека најпрвин потребна е голема поддршка затоа што треба Македонија од пепел да се изгради, од онаа пепел што овие измамници ќе ја остават, но потоа веднаш овие измамници и ќе одговараат за целиот криминал, рушење на националното достоинство и гордост, но и за сите неправди што им ги нанесоа на граѓаните на Република Македонија.

„Овие политички измамници, кога беа во опозиција, ветуваа загарантиран откуп, повисоки субвенции и поддршка за земјоделците, а денеска во Ресен луѓето ги сечат дрвјата затоа што еден денар е килограм јаболка, а и за толку нема кој да ги откупи. Во Кочани амбарите се полни со ориз затоа што нема кој да го откупи, а исто беше и овде во Малешевијата и Пијанец со сливите“, потенцира Мицкоски.

Тој додаде дека такви неправди се секојдневие, ветуваа 600 километри нови патишта, а не се способни ни тој во источна Македонија, кој беше 90 отсто готов, за две години да го пуштат, ветуваа реновирано здравство, 100.000 денари плата за лекарите, а денеска тргуваат со болниците и клиниките додека нашите доктори ги полнат клиниките во Европа, САД и во Австралија.

„Неправда е кога како опозиционер се колнете во жицата, во татковината и дедовината, а прва работа кога ќе дојдете до фотелја, вие правите спротивно и единствена работа што досега направиле е токму тоа – го продадоа идентитетот, неправда е кога ќе ги редите сите тие чевли пред Владата симболизирајќи дека луѓето се иселиле, а денеска кога сте власт, никој не видов да ги обуе тие чевли, туку, напротив, само имаме непотврден податок дека повеќе од 100.000 наши сограѓани ја напуштиле Македонија и не се вратиле“, потенцира Мицкоски.

Токму затоа е потребно да се обединиме за професорката Гордана Силјановска-Давкова и да ја дадеме нашата поддршка и на 21 април, а потоа и на 5 мај, затоа што таа има јасна визија како да го врати владеењето на правото и правната држава, а победата на претседателските избори ќе ја отвори вратата за предвремени парламентарни избори кога овие измамници на власт ќе станат минато и ќе изгрее зората на слободата, која ќе донесе правда во Македонија, додаде тој.