Висока воена делегација на Војската на Република Словенија, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Аленка Ерменц, која се наоѓа во официјална посета на Армијата, денес престојуваше во Генералштабот.
По пречекот на делегацијата на Војската на Република Словенија, со високи воени почести, генерал-мајор Аленка Ерменц оствари средба со својот домаќин началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Како што информираат од канцеларијата за односи со јавноста, на средбата Шекеринска изразила благодарност за поддршката на Република Словенија при нашето зачленување во НАТО.
Министерката ѝ честитала на генерал-мајор Ерменц на функцијата началник на Вооружените сили на Словенија и рекла дека брзата ратификација на Пристапниот протокол од страна на Република Словенија е политичка порака дека таа поддршка ќе продолжи и дека двете земји го зацврстуваат партнерството и одбранбената соработка.
На средбата станало збор и за претстојната голема вежба во јуни на Криволак на која ќе биде домаќин нашата земја, а ќе учествуваат и САД, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Литванија. Министерката Шекеринска порачала дека вежбата, која е најголема од таков вид досега, ќе биде тест за логистичките и воени капацитети на земјата.
Началничката на генералштабот на Вооружените сили на Словенија ѝ честитала на министерката Шекеринска за нејзините залагања во евроинтегративните процеси на земјава и ја истакнала нејзината значајна улога дома и во странство во подготовките за прием на државава во НАТО.