Германскиот авиопревозник „Луфтханза“ објави дека во првиот квартал работел со оперативна загуба поради зголемените трошоци за гориво и прекумерните капацитети во Европа.
Во првите три месеци од оваа година „Луфтханза” забележа оперативна загуба од 336 милиони евра, додека во истиот период минатата година работеше со оперативна добивка од 52 милиони евра, во голем дел благодарение на намалениот капацитет по банкротот на компанијата „Ер берлин“, според SeeBiz.
Загубата во првите три месеци на компанијата е поврзана со зголемените трошоци за гориво за 202 милиони евра.
Во последно време авиопревозниците имаат проблем со прекумерните капацитети и високите трошоци за гориво, на што се надоврза и неизвесноста околу брегзит која поттикна некои патници да ги одложат резервациите за време на празниците.
„Луфтханза“ очекува повеќе приходи во вториот квартал, кога ќе се исклучи влијанието на девизните курсеви, базирајќи ја оваа процена на очекуваното закрепнување на резервациите.