24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Грант од 50 000 евра за игралиште за деца со посебни потреби во Влае

Општина Карпош доби грант од 50 000 евра за изградба на инклузивно детско игралиште. Игралиштето за деца со посебни потреби ќе биде лоцирано до плоштадот Делфина (до постоечкото детско игралиште), во урбаната заедница Влае 2. Изведбата на ова инклузивно детско игралиште се очекува да почне во мај.

Финансиер на овој проект е Министерство за локална самоуправа и Швајцарската агенција за соработка и развој (SDC) преку грант добиен од Скопски Плански Регион, а во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“.

Апликацијата за овој проект ја подготви Секторот за развој при Општина Карпош. Во процесот на добивање на грантот беа организирани повеќе форумски сесии, каде што се разгледуваше оправданоста на предлог-проектите и Општина Карпош беше меѓу прво рангираните локални самоуправи.

Со ова игралиште за деца со посебни потреби ќе се унапреди вклучувањето на овие лица во секојдневните, спортско-рекреативни активности. Исто така, се овозможува простор за правилен раст и развој на лицата со попреченост.
Во изминатиот период локалната самоуправа отвори и сензорна соба за учениците со попреченост во ООУ „Димо Хаџи Димов“, а намерата е да се продолжи со создавање подобри услови за живот на лицата со попреченост на локално ниво.