Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска и министерот задолжен за странски инвестиции Бардул Даути, присуствуваа на работен појадок со Словенечки компании кои работат во Република Северна Македонија, организиран од амбасадорот на Република Словенија,Милан Јазбец.
Пред претставници на околу 30 компании со словенечки капитал, кои работат во земјата, вицепремиерот истакна дека Владата посветено работи на овозможување на поддршка на компаниите, преку јасни и транспарентни мерки, еднакви за домашните и странските компании.
„Преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, лани се поддржани преку 250 компании, домашни и странски, а заедно со други комплементарни мерки Владата кон стопанството испорача над 40 милиони евра во форма на државна поддршка. Оваа година, во буџетот за Програмата за економски развој, планирани се околу 46% повеќе средства за поддршка на стопанството, изградба на инфраструктурата во ТИР зоните, железницата, гасоводот и воопшто за подобрување на бизнис климата. Креирана е позитивна економска клима, а резултатите во економијата се особено поволни. Лани е забележан раст на БДП од 2,7%, што е одличен резултат ако се земе во предвид дека кога оваа Влада започна со работа, стапката на економски раст беше во негатива, дополнително е забележан двоцифрен раст на извозот, раст на индустриското производство, раст на просечните плати, како и рекордно ниво на странски инвестиции од 624,5 милиони евра“, нагласи Анѓушев.