Kандидатoт за претседател Стево Пендаровски оствари среба со жителите на општина Теарце.
Како што информираат од неговиот штаб, во разговорите со граѓаните Пендаровски ја потенцирал важноста од членството во НАТО, не само од безбедносен, туку и од економски аспект.
„Како иден врховен командант на армијата, дел од НАТО, ќе се залагам за унапредување на статусот на нашите војници за достојно да ја претставуваат нашата држава и армија низ целиот свет. НАТО не носи само безбедност и стабилност, туку отвора економски перспективи за нашата економија и сите граѓани“, порачал претседателскиот кандидат.
Тој воедено истакнал дека на овие избори треба да се потврди патот што води напред кон интеграција и развој и дека државата не смее да се враќа назад во изолација и неизвесност.
„Противкандидатката нуди концепт за разединување, само нивните и членовите на таа фамилија да имаат живот. Секој одговорен човек, секој домаќин, постар, помлад, веќе има донесено одлука дека сака иднина наместо минато, дека сака напред во Европа и НАТО наместо враќање во минатото. Затоа, да продолжиме заедно напред кон ЕУ, кон НАТО, еднаш засекогаш да ги заштитиме нашите граници, да си ја обезбедиме нашата иднина“, повикал Пендаровски на митингот во Теарце.