Кандидатката за претседател Гордана Сиљановска-Давкова вечерва се обрати пред граѓаните во Бутел.
Таа потенцираше дека со нејзината победа ќе покаже како се водат евро-атлански процеси и интеграции, додавајќи дека СДСМ и Заев го користат ЕУ и НАТО како алиби за своја егзистенција, а додека тие живеат со висок стандард, граѓаните живеат сè полошо.
„Ние ќе им покажеме како се водат евро-атлански процеси и интеграции. Како не се изморија од повторување евро-атлански интеграции, ЕУ и НАТО, но тоа се само зборови за нив, реторика, зад овие зборови нема никаква содржина, никаква суштина и тоа наскоро ќе го чујат. Срамота е цели за кои велат дека се највисоки, како ЕУ и НАТО, да ги употребуваат како алиби за својата егзистенција, а таа егзистенција е различна од вашата егзистенција, од егзистенцијата на народот, зошто тие живеат како во Брисел ако го споредуваме нивниот стандард ама народот живее како оние во Африка, тоа ние ќе го смениме“, истакна Сиљановска-Давкова.
Според неа, владеењето на правото е најважно за функционирање на државата, споменувајќи дека во моментот во Македонија нема право и правда, туку, како што кажа, владеење на една олигархиска група која не прави ништо добро за граѓаните.
„Она што е неопходна за ЕУ е владеењето на право, кое го нема. Ние овде имаме владеење на една мала олигархиска група на луѓе која постојано се повикува на фантастичниот успех наречен преспански договор, ама во меѓувреме фантастично краде и го осиромашува овој народ. Нема владеење на право, каде што нема поделба на власта, а во Македонија нема поделена власт. Сета власт е на едно место на Илинденска и внатре во Илинденска сета власт е олицетворена во една личност, во премиерот, тој е надлежен за сè од комуналните работи, па до судските реформи, затоа нема децентрализација во Република Македонија, затоа нема рамномерен регионален развој во Република Македонија, затоа нема независно судство“, кажа Сиљановска-Давкова.
Претседателската кандидатка пред присутните во Бутел порача дека ќе ги смени работите и истакна дека најважно за секој претседател е да биде стамен и да не го менува ставот.