24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ѓорчев: Македонија умира, Македонија се празни

Со жалење можеме да констатираме дека нема ниту еден единствен збор, ниту еден коментар, ниту еден одговор од страна на Зоран Заев, Стево Пендаровски и Мила Царовска во врска со демографската катастрофа од невидени размери, која се случува во моментот во Република Македонија, изјави Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Македонија умира, Македонија се празни. Македонија станува земја без народ. Во 2018 година, според податоците на Заводот за статистика, во прелиминарните податоци ја имаме најлошата демографска година во историјата на Македонија откако има демографија, откако има статистика. Бројот на родените од 2016 година, кој беше 23.002, падна на 21.666, тоа е пад од 6 проценти. Значи, 2018, со Владата на Зоран Заев и Мила Царовска, беше најлошата демографска година откако имам статистика во Македонија со рекордно, рекордно мал број родени бебиња – само 21.666. На тие 21.666 родени бебиња, во 2018 година се додаваат уште полошите бројки за 2019 година“, рече Ѓорчев.

Во јануари 2019 година, додаде тој, бројот на родени бебиња е повторно паднат речиси 20 проценти во однос на претходната најлошата 2018 година и бројот на бебиња е паднат од 1.861 бебе минатата година во јануари, оваа година на 1.512 родени бебиња, тоа е пад од 19 проценти.

„Ова е буквално демографска катастрофа, која ни се случува пред очите, ваков пад од 20 проценти не е забележан никогаш во историјата. Бројките се навистина загрижувачки, но она што боли, она што загрижува, она што покажува вонредна голема неодговорност, е молкот на Зоран Заев, на Пендаровски и на Мила Царовска. Уште еднаш ќе речам, ако имаме рецесија во економијата од 1 или 2 процента, веднаш се свикуваат владини седници, ако имаме рецесија во која било област, веднаш се свикуваат итни состаноци, овде имаме рецесија во бројот на родени бебиња, од минатата година до јануари оваа година од 20 проценти, и никој ништо не прави. Тоа е катастрофална неодговорност, тоа е негрижа за државата и иднината на оваа земја“, рече Ѓорчев.