24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев доби признание за придонес за мир, благосостојба, развој и интеграција на Ромите

Делегација на здружението „Национален ромски центар“ (НРЦ), денеска, во Владата, на премиерот Зоран Заев му врачи признание за придонес во обезбедувањето мир, благосостојба, развој и интеграција на Ромите и сите други граѓани во државата.

Тие го запознаа премиерот со својата работа и програмски цели истакнувајќи дека работат на подобрување на правата не само на припадниците на ромската заедница туку на сите граѓани со разна социјална и етничка структура, особено на маргинализираните и социјално најранливи категории.

„Овој ден, 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, е одлична можност да ви кажеме благодарам за сето она што го работите за децата, жените и општо за правата на Ромите, за подобрување на нивниот квалитет на живеење и за другите граѓани бидејќи вашиот активизам е од непроценливо богатство и од помош и за напорите и мерките што ги презема Владата“, истакна премиерот Заев честитајќи го празникот и потенцирајќи дека од име на извршната власт и на сите граѓани изразува искрена благодарност за целиот активизам на граѓанските организации со надеж дека Владата дополнително ќе ги мотивира во понатамошните заложби.

Премиерот Заев истакна дека Владата е насочена да работи на социјалните аспекти, за подобрување на инфраструктурата, условите за образование и за вработување на припадниците на ромската заедница.

Директорот на здружението, Ашмет Елезовски, и претседателката на Управниот одбор на Здружението, Нада Стојменова, нагласија дека „Националниот ромски центар“ ќе продолжи со мисијата за решавањето на проблемите со кои се соочуваат граѓаните и оние најранливи групи, на кои им е потребна социјална, здравствена и правна помош со единствена цел остварување социјална инклузија и вклучување правда и еднакви права за сите.