Царинските службеници од граничниот премин Табановце спречија обид за шверц на голема количина опојна дрога марихуана.
На 29 март 2019 година царинските службеници од граничниот премин Табановце при претрес на товарно моторно возило со албански регистарски таблички, управувано од албански државјанин Ф.Б. (62), пронајдоа приближно 350 килограми опојна дрога марихуана.
Имено, во раните утрински часови, односно 1.30 часот, на граничниот премин на излез од државата се пријавило товарно моторно возило „волво“ со албански регистарски таблички, управувано од државјанин на Албанија, при што возилото од страна на царинските службеници било селектирано за детален преглед. При прегледот, во 130 специјално изработени палети за транспорт на цвеќе натоварени во возилото, царинските службеници пронајдоа околу 350 килограми опојна дрога марихуана.
По преземање на случајот од страна на инспекторите од одделението за истраги, Царинската управа против Ф.Б. (62) до Основното јавно обвинителство Куманово ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, казниво по член 215, став 1 и став 7 од Кривичниот законик.