Доналд Туск, кој минатиот месец жестоко ги искритикува архитектите на брегзит, укажувајќи дека во пеколот има посебно место за нив, смета дека местото на вечно страдање е доволно големо за да ги вклучи и британските пратеници кои ќе гласаат против договорот за брегзит, пренесува РТ.
Првичниот остар коментар за пеколот од претседателот на Советот на ЕУ беше наменет за луѓето кои „го промовираа брегзит без план за тоа како безбедно да го спроведат.” Тоа предизвика силна вознемиреност меѓу учесниците и набљудувачите на драматичниот развод на Велика Британија со ЕУ. Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во еден момент забележа единствениот пекол што тој лично го знае е неговата сегашна работа.
Прашањето за пеколот и за тоа кој од британските политичари заслужува да биде таму, се врати во четвртокот кога двајцата европски официјални претставници објавија дека ЕУ делумно се согласила на британското барање за одложување на Член 50. Дводелниот договор ѝ нуди на Британија одложување до 22 мај ако британскиот парламент следната недела го одобри договорот за брегзит. Во спротивно, одложувањето ќе трае само до 12 април.
Кога еден новинар го праша Туск дали тој го смета пеколот за соодветно место за пратениците кои сега гласаат против договорот, Туск, кој е послки католик, нагласи:
„Според нашиот папа, пеколот е се уште празен. Тоа значи дека има многу место”. Прес конференцијата беше заокружена со смеата на публиката и крајниот коментар на Јункер: „Не оди во пеколот “.
Туск притоа најверојатно алудираше на минатогодишната контроверзност, што се случи откако еден италијански новинар погрешно го цитираше папата Франциско дека не постои пекол. Ватикан мораше да го оспори тврдењето и да го разјасни католичкиот став за тоа што е пекол.