Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Филипче: Сите лаги на Мицкоски за уставните измени паднаа во вода – секое одложување носи сиромаштија и иселување

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во гостувањето во Централниот дневник на МТВ порача дека уставните измени ги бара Европската уннија, а секое одложување значи губење време, сиромаштија, изолација и иселување затоа што Христијан Мицкоски не ги исполни ветувањата за подобрување на преговарачката рамка.

„На тоа инсистира Европската Унија, затоа што тоа е договор што државата го има со целата Европска Унија “, истакна Филипче.

Тој нагласи дека власта не ги исполнила ветувањата со кои ја барала довербата од граѓаните.

„Со лажна кампања, Христијан Мицкоски и ВМРО дојдоа на власт, велејќи дека ќе ги подобрат преговарачките услови. Еве сега, откако сите им кажаа дека е невозможно тоа да се смени, се поставува прашањето: што чекаат?“, рече Филипче.

Тој додаде дека пораките од Брисел се јасни и дека Мицкоски треба да одговори што се случи со ветувањата за промена на преговарачката позиција, враќање на старото уставно име и поништување на Преспанскиот договор.

„Имајќи предвид дека Христијан Мицкоски дојде на власт со лажна кампања дека ќе ги подобри преговарачките услови, дека ќе го врати уставното име, еве сега сака со лажна кампања повторно да владее. Зошто не го врати старото уставно име? Зошто не ја подобри преговарачката позиција? Зошто не го поништи Преспанскиот договор, како што ветуваше? Затоа што сè во неговата кампања, како во опозиција тогаш до 2024 година, така и сега на власт, е една голема лага“, изјави Филипче.

Последиците од одложувањето ги чувствуваат граѓаните, додека државата губи драгоцено време за својот развој и за приближување кон Европската Унија, додаде тој.

„Имајќи предвид дека апсолутно ништо не може да се промени, граѓаните ќе бидат сведоци дека сè ќе се сведе на тоа што ние го зборуваме, и јас лично, изминатите две години: дека тоа е чекорот што треба да се направи. И сè друго е губење време, губење децении, што за нас, и само за нас, затоа што на другата страна Европската Унија и Бугарија немаат проблем со тоа, значи сиромаштија, значи изолација, значи иселување на децата, значи часови и часови чекање на границите и значи тонење во долгови. И ништо, ништо друго“, порача Филипче.