Бундестагот го одобри повторното воведување делумна воена регрутација со цел да се зголеми составот на вооружените сили како одговор на новите безбедносни предизвици.
„Слободите во демократијата не се бранат сами од себе. Ова мора да го прават луѓе што се подготвени да се залагаат за овие слободи, а не оние што седат зад оградата и чекаат некој друг да го стори тоа наместо нив“, рече германскиот министер за одбрана Борис Писториус (Социјалдемократска партија на Германија, СПД) во дебатата пред гласањето.
Според новиот закон, воената регрутација ќе се базира на доброволна основа. Во случај да не се појават доволно доброволни регрути во одредени години, Бундестагот би можел да воведе таканаречена воена регрутација на краткорочна основа.
Ќе се воведе и задолжителен прашалник за подготвеност за воена служба и воени способности, кој ќе го пополнуваат членови на одредена генерација, кои наполниле 18 години. Пополнувањето на овој формулар е задолжително само за млади мажи.
Според договорот на ниво на НАТО, Германија се обврзала да има 260.000 активни војници во германската армија, Бундесверот. Моментно во Бундесверот служат 185.000 регрути.
Доброволната воена служба би траела шест месеци и би обезбедувала месечна плата од 2.600 евра.
Денеска наутро, за време на дебатата во Бундестагот, во цела Германија се одржаа протести против повторното воведување на регрутацијата. Протестите, на кои главно учествуваа средношколци, се одржаа со слоганот „Не сакаме да бидеме топовско месо“.
Регрутацијата беше укината во Германија во 2011 година поради уставни пречки./Извор:Makfax


