Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, во гостување на ТВ 24 изјави дека Собранието има обврска да ја искористи својата надзорна улога преку анкетните комисии, особено во контекст на трагедијата во Кочани. Таа оцени дека иако во минатото анкетните комисии биле практично неуспешни и завршувале со различни заклучоци од страна на власта и опозицијата (како онаа за „Онкологија”), очекува поголем демократски капацитет овојпат бидејќи е редно време да се извлече лекција од колективните порази.
Мојсоска нагласи дека системските пропусти кои довеле до трагедијата мора да бидат лоцирани, посочувајќи дека тие произлегуваат од законските решенија, правилниците и слично, како и начинот на нивно спроведување. „Собранието е тело кое врши надзор над извршната власт и не смееме да ја потцениме таа улога“, рече таа и потенцираше дека Собранието не смее постојано да се однесува како извршна власт на извршната власт.
Таа потсети дека Левица уште пред неколку месеци, во три наврати, иницирала надзорна расправа, но обидите биле блокирани.
Мојсоска потсети и дека девет месеци по трагедијата сè уште нема суштински законски измени. Како пример го наведе законот за угостителска дејност, за кој беа нотирани големи пропусти, меѓу нив и можноста дискотека да се отвори само со изјава дека се исполнуваат минималните стандарди. Таа додаде дека, иако од Владата најавија измени, и по девет месеци, тие сè уште не се доставени до Собранието.
Оттука, Мојсоска потенцираше дека и една од главните поенти на овие комисии и расправи е потребата да се иницираат законски решенија коишто ќе превенираат идни трагедии.
Во врска со претставката поднесена од родителите од Кочани, а по која претседателот на Постојаната анкетна комисија, Димитар Апасиев, закажа седница во вторник – Мојсоска истакна дека датумот за седницата е избран во координација со родителите, затоа што тој е единствениот ден кога не е закажано судско рочиште. Таа додаде дека се поканети и конечно ќе се обратат родителите, поканети се претставниците од власта и сите пратеници.
Мојсоска оцени дека не постојат реални пречки за седницата да не се одржи, иако дел од пратениците од власта се повикуваат на почетокот на буџетската расправа. „Буџетската расправа трае пет дена, а минатата година Буџетот се донесе за еден ден. Имаме услови седницата да се одржи“, рече таа и додаде дека приоритет е барањето на родителите и јавноста. Мојсоска потенцираше дека не сака повторно да се случат „креативни обиди“ за спречување на одржувањето на седницата и можноста родителите да се обратат.
Во однос на поканите до претседателката Горданa Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски, Мојсоска рече дека засега немаат добиено потврда дека ќе присуствуваат.


