Во Собранието, денеска, се оддржа работна средба за национално застапување организирана во соработка со Клубот на пратенички и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.
Настанот ги обедини претставничките на локалните женски организации и невладини иницијативи со цел да се продлабочи дијалогот за унапредување на родовата еднаквост и подобрување на учеството на жените во процесите на локално планирање и одлучување.
Во воведниот дел се обратија Јована Тренчевска, претседателка на Клубот на пратенички, и Весна Ѓорѓиева, заменик-претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. Марија Савовска, извршна директорка на Акција Здруженска ја презентираше целта на средбата и клучните тематски приоритети.
Тренчевска, изрази благодарност за иницијативата за оваа средба до претставничките на локалните организации, Kvinna till Kvinna-Скопје и Акција Здруженска, притоа честитајќи им го Светскиот ден на волонтеризмот , рече дека вие сте волонтери во вашите локални заедници, многу правите за развој на локалните самоуправи и подобрување на животот од каде што доаѓате.
Од друга страна исклучително важно е да зборуваме за жени лидерки во локалните самоуправи за што повеќе жени таму каде што се креираат политиките, се одлучува, и каде што е моќта преку вклучување на руралните жени во активностите, слушање на нивниот глас при креирање на политиките во руралните средини – посочи Тренчевска.
Заменик – претседателката на Комисијата, Ѓорѓиева, истакна дека и е особено чест да се обрати пред жените лидерки кои влијаат врз промените во нашето општество, дека жените се тие кои се носители на промените и столб на државата. Кои денеска не се само претставници на институциите, туку глас на жените кој што доаѓа од секоја средина, маало, општина, руралната средина, од сите пори каде што жената е присутна. Најважно е моќта на жените да ја ставиме на преден план, локалните средини се место од каде треба да започнат сите промени во кои треба сите да бидеме вклучени.
Извршната директорка, Савовска ги претстави трите најгорливи прашања кои се заеднички за сите заедници и кои се од локално значење но бараат национален одговор и имаат големо влијание врз општиот политички и социо-економски контекст во државата.
Преку три тематски сесии беа споделени искуства и препораки за:
• вклучување на жените во локалното планирање и одлучувачки процеси,
• специјализирани мерки за економска активација,
• пристап до основни локални услуги, со фокус на водоснабдување и отпадни води.
Пратенички, локални активистки и претставнички на граѓанскиот сектор разменија препораки и утврдија заеднички приоритети за понатамошно застапување. Целта беше да се обезбедат поефективни локални политики што ги одразуваат потребите на жените во заедниците.
Настанот заврши со отворена дискусија и усвојување на заклучоци за понатамошно застапување на локално и национално ниво, кои формално треба да се донесат на следната седница на Клубот на пратенички.
фото Собрание


