По повод 3-ти Декември- Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во основното училиште со ресурсен центар ,,Кочо Рацин” Битола се оджа панел – дикусија со наслов „Биди промена, биди поддршка – со перспектива, иновација и заедничка акција до успешна едукација и рехабилитација“.
Пораката за професионалците и семејствата беше дека „Инклузијата не е опција – таа е наша заедничка обврска.“
Панелистите на дискусијата зборуваа за перспективата како да ја гледаме личноста многу повеќе од дијагнозата, колку родителската перспектива влијае на процесот на рехабилитација и напредок, потоа за тоа кои иновативни практики се најкорисни, како да останеме иновативни во услови на ограничени ресурси и кои се моделите од домашни и меѓународни практики што можат да се адаптираат.
Поздравен говор одржа директорката Драгана Кирковска, а на панел дискусијата се обрати и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој рече дека на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ја истакнуваме нашата заедничка обврска да градиме инклузивна, правична и достапна Општина Битола.
„Овој ден не е само потсетник, туку и поттик да продолжиме со конкретни чекори во унапредувањето на инклузивните политики на локално ниво.
Во изминатиот период, Општина Битола работи на развивање пристапна инфраструктура, подобрување на образовните услуги, поддршка на ресурсните центри и соработка со училиштата и граѓанските организации.
Наш приоритет е да создадеме средина во која секое дете и секој млад човек со попреченост ќе добие навремена, квалитетна и персонализирана поддршка.
Локалната самоуправа ќе продолжи да инвестира во програми кои ја промовираат еднаквоста, пристапноста и активното учество. Инклузијата не е само политика – тоа е јадро на развојот на една современа и хумана заедница“, порача Коњановски.
Во делот на заедничката акција беше акцентирана заедничка акција за тоа каде се појавуваат пречките при тимска работа, што е најважно за стабилен и ефективен тим (психолог – дефектолог – родител – училиште) и како да се изгради култура на соработка, наместо индивидуални напори.
Панелисти беа инклузивни дефектолози од редовните училишта, Центарот за поддршка, доктори од Здравствениот Дом, професори од Славјанскиот Универзитет и Високата медицинска школа, Регионалното тело – МКФ, градинките од Битола, од Завод за рехабилитација на слух, говор, глас- Битола и од Заводот за ментално здравје.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


