Под слоганот „Заедно низ боја и тон“, основците од ООУ „Владо Тасевски“ на свој креативен начин го одбележаа Меѓународниот ден на лицата со атипичен развој – 3 декември, организирајќи во рамки на своето училиште инклузивен уметничко-музички настан. Иницијатор на денешниот настан беше специјалниот едукатор Весна Филиповска, а во организацијата учествуваа и образовните асистенти: Ирена Милевска, Ивана Јанкуловска, Светлана Блажевска, Кристина Ристовска, Ема Тосева и Верица Џијановска, како и Менде Дамчески (техника), Марија Бакоч (ликовна секција) и Елизабета Стабоевска (вокална изведба). Целта на едночасовниот перформанс беше промовирање на еднаквите можности, видливоста и активното учество на лицата со попреченост во нашето општество.
По тој повод, градоначалникот Сотир Лукровски, претседателот на Советот, Христо Саракинов, советникот Александар Петровски и претставник од Одделението за образование од Општина Карпош, присуствуваа на денешната свеченост, каде учениците со типичен и атипечен развој во придружба со возрасни уметници се претставија со своите музички и ликовни дела. Настанот го одбележа креативниот израз на талентираните ученици кои настапија заедно со своите гости од „Леон Бенд“, кои воедно се претставници од младинскиот центар „Крик“. Нивниот настап беше конкретен пример како може уметноста, креативноста и заедништвото да ја подигнат свеста за значењето на инклузијата, создавајќи простор за секое дете и секој возрасен да го искаже својот став во јавноста. Ваквиот концепт овозможува природно поврзување меѓу различни генерации, таленти и способности, со што се поттикнува прифаќање и развивање на инклузивни вредности во училиштето и заедницата.
Во оваа пригода, организаторите му врачија благодарница на градоначалникот Сотир Лукровски, за соработка, поддршка и придонес во развојот на инклузивни практики во ООУ „Владо Тасевски“. Првиот човек на Општината доби и прекрасна уметничка слика, изработена од вредните раце на креативните дечиња. Општинскиот татко напомена дека локалната самоуправа останува посветена на унапредување на инклузијата, креативноста и еднаквите можности, со визија за градење на заедница во која различностите се прифатени, вреднувани и поддржани.
– „Морам да ви признаам дека сум воодушевен од вашиот перформанс, од длабоките емоции, од љубовта и позитивната енергија која ни ја пренесовте. За овие моменти вреди да се биде на жешкото столче во Општината. Сакам да им честитам на сите дечиња и на наставниот кадар кои беа дел од оваа програма, кои успеаја да направат една содржинска и тематска приредба. Јас како градоначалник ви ветувам дека локалната самоуправа ќе биде секогаш тука, за да ја поддржи секоја ваша иницијатива“ – истакна Лукровски.
фото Општина Карпош
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


