Centar.mk
ЛОКАЛНО

ЈП Паркинзи на Општина Центар добитник на наградата „Инклузивен работодавач“ на Ability Awards 2025

Скопје, 03 Декември 2025 година – По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ЈП Паркинзи на Општина Центар учествуваше на овогодинешните Ability Awards 2025 – настан кој има за цел да ја промовира инклузијата и да поттикне создавање еднакви можности за сите граѓани.

Со особена гордост информираме дека претпријатието се стекна со една од 10-те награди што традиционално се доделуваат на институции и организации кои спроведуваат иновативни и инклузивни практики. ЈП Паркинзи на Општина Центар е добитник на признанието „Инклузивен работодавач“, што претставува потврда за континуираните напори на претпријатието да обезбеди достапна и поддржувачка работна средина за сите.

Директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски во своето обраќање истакна: „Во нашето претпријатие, лицата со попреченост не се бројки или формалност. Тие се наши колеги, наши соработници и важен дел од тимот. Работат во повеќе служби и секојдневно покажуваат дека професионалноста, посветеноста и одговорноста се вредности кои не познаваат ограничувања.“

Дополнително беше истакнато дека инклузијата во претпријатието не се ограничува само на вработувањето, туку и на услугите што континуирано им ги обезбедува на граѓаните со попреченост. Тие имаат можност да аплицираат за паркинг-дозволи во текот на целата година и да користат највисоки привилегии во системот на паркирање, а бројот на резервирани паркинг-места се адаптира и зголемува согласно реалните потреби – честопати и над законскиот минимум.
„Горди сме што обезбедуваме достоинствен пристап до услугите за сите. Но најмногу сум горд на тимот што секојдневно покажува колегијалност, разбирање и човечност – вредности што нè прават пример за инклузивна и современа јавна институција. Оваа награда ја прифаќаме како обврска да продолжиме уште посилно – да отвараме нови можности, да рушиме бариери и да создаваме општество во кое секој може да учествува рамноправно“, додаде директорот.
ЈП Паркинзи на Општина Центар упатува благодарност до организаторите на Ability Awards 2025, партнерите и сите кои даваат поддршка за унапредување на инклузијата и подобрување на условите за лицата со попреченост во општеството.

Можеби ќе ве интересира

error: Соддржината е заштитена.