Јавна егзекуција беше извршена вчера на стадион во источниот авганистански град Хост. Човек што претходно оваа година уби 13 члена на семејство беше егзекутиран.
Десетици илјади луѓе, вклучувајќи роднини на жртвите, присуствуваа на егзекуцијата на спортскиот стадион за која Врховниот суд рече дека е 11-та по преземањето на власта од страна на талибанците во 2021 година по хаотичното повлекување на силите на САД и НАТО.
Специјалниот известувач на Обединетите нации за Авганистан, Ричард Бенет, претходно вчера изјави дека извештаите сугерираат оти јавните егзекуции се неизбежни и повика на нивно запирање. „Јавните егзекуции се нехумана и сурова казна спротивна на меѓународното право“, рече тој.
Строго толкување на шеријатскиот закон
Талибанските владетели во Авганистан воведоа строго толкување на шеријатскиот закон, што вклучува враќање на јавните егзекуции, како и забрани за авганистанските жени и за девојчињата за средно и за универзитетско образование и повеќето форми на вработување.
Според извештајот на Врховниот суд, егзекуцијата била наредена откога судот, апелацискиот суд и самиот Врховен суд издале смртна казна, а таа била одобрена од врховниот лидер на Авганистан, Хибатула Ахунџада. Човекот бил осуден за влегување во семеен дом во покраината Хост и убиство на членови на поширокото семејство, вклучувајќи девет деца и мајка им.
„Човекот бил застрелан од роднина на оние за кои бил осуден“, изјави портпаролот на полицијата во Хост, Мустагфир Горбаз. На роднините на жртвите им била понудена опција за прошка и помирување што ќе го поштеделе животот на човекот, но наместо тоа, барале смртна казна.
За време на нивното претходно владеење со Авганистан кон крајот на 90-тите талибанците редовно вршеле јавни егзекуции, камшикување и каменување./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


