Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центрите, клиничките болници и други јавни здравствени установи (ССКЦ) предупредува дека предложената внатрешна реорганизација на Министерството за здравство, која предвидува ребалансирање и можност за прераспределба на медицинскиот кадар, меѓу другото, и од кампусот „Мајка Тереза“ кон други градови, може дополнително да ја наруши стабилноста на здравствениот систем, особено во најоптоварениот кампус „Мајка Тереза“, се наведува во соопштениетo.
Од ССКЦ потсетуваат дека во програмата на Владата е најавена реформа на здравствената мрежа, обединување на клиничкиот центар и на регионалните болници, модернизација на инфраструктурата, спојување на разни здравствени установи и создавање поефикасна и подостапна здравствена мрежа. Според Синдикатот, секое кадровско распоредување и секоја реорганизација мора да се темели врз реални потреби, систематизации и долгорочна национална стратегија за развој на здравствениот систем, но дури по интеграција на клиниките од кампусот „Мајка Тереза“, а потоа во согласност со потребите и систематизираните работни места да се прават кадровските распоредувања.
ССКЦ ја нагласува и потребата од заштита на јавниот здравствен систем и укажува дека не смее да се дозволи приватното здравство да го „откупува“ професионалниот здравствен кадар, во чија едукација и обука државата значајно вложува. Преземањето стручни лица од приватните болници, според Синдикатот, ги загрозува стабилноста и квалитетот на јавното здравство и создава непотребна криза во системот. ССКЦ се залага за ефикасни мерки, кои ќе спречат вакви злоупотреби за заштита на јавниот кадар и одржување на високите стандарди на здравствените услуги во јавните установи.
Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар ја изразува својата сериозна загриженост и поради, како што се наведува, долгогодишното и неоправдано одложување на потпишувањето на анекс-договорот за јавните здравствени установи – универзитетските клиники, Заводот и Ургентниот центар – Скопје (ЈУЗР).
Иако преговорите за анекс-договорот траат подолг период, а документот, како што наведува ССКЦ, е од суштинско значење за подобрување на статусот, мотивацијата и правната сигурност на вработените, неговото конечно усвојување и натаму се пролонгира, без конкретно образложение и без преземање институционална одговорност.
Според ССКЦ, ваквото одлагање создава правна и економска несигурност, демотивација и нарушување на професионалната стабилност на вработените во ЈУЗР, кои секојдневно обезбедуваат квалитетна и есенцијална поддршка и услуги за сите здравствени установи, често во отежнати услови. Затоа Синдикатот смета дека тие заслужуваат навремено, фер и транспарентно постапување од надлежните институции.
Синдикатот јавно ги повикува Министерството за здравство, Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата итно да го деблокираат процесот и да дадат согласност за потпишување на анекс-договорот со цел да се обезбеди статусна, правна и финансиска сигурност за сите вработени опфатени со овој процес.
ССКЦ наведува дека останува отворен за конструктивен дијалог и соработка, но дека нема да прифати понатамошно одложување или занемарување на законските права на вработените. Доколку институциите продолжат да ги игнорираат своите обврски, Синдикатот најавува дека ќе биде принуден да ги активира сите законски дозволени форми на синдикални активности.
Во соопштението се посочува дека ССКЦ останува доследен на својата мисија да ги заштити правата, достоинството и професионалниот интегритет на сите вработени во здравствениот систем и дека ќе продолжи да се бори за достоинствени услови, стабилност и заслужено вреднување на трудот во здравството./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


