Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Потсвесна поврзаност на Јанкуловска со процесите против нацистите

Соопштение на СДСМ:

Изјавите на Гордана Јанкуловска и обидите да се претстави себеси како дел од „судените во Нирнбершките процеси“ се единствено и само потсвесни, од аспект на тоа што тие процеси биле насочени против нацистите и злосторниците од тогашната нацистичка Германија. Ништо повеќе.

Ситуацијата со апликацијата на Јанкуловска пред Европскиот суд за човекови права е правен механизам што секој граѓанин има право да го искористи. Станува збор за формално дозволување на една апликација – чекор кој претставува само утврдување дека се исполнети процесните услови за Судот евентуално да пристапи кон суштинска анализа. Ништо повеќе.

Судот во оваа фаза утврдува исклучиво формални елементи: дали се исцрпени домашните правни лекови, дали постои статус на жртва, дали е почитуван рокот и дали апликацијата е компатибилна со Конвенцијата. Тоа е стандардна процедура, дефинирана во член 35 од Европската конвенција за човекови права.

Како партија, сметаме дека во оваа фаза не е ниту потребно, ниту етички, ниту правно основано да се коментира материјалната суштина на предметот – затоа што таа постапка сè уште не е ни започната.

Но едно е јасно и останува длабоко врежано во сеќавањето на граѓаните: Гордана Јанкуловска, која денес се претставува како жртва, беше дел од системот што години наназад ги кршеше човековите права на секој граѓанин на оваа држава. Таа беше министерка која од позиција на моќ овозможуваше масовно прислушкување, изборен инженеринг, политичка репресија и брутална злоупотреба на институциите во корист на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски.

Наместо Мицкоски да ја ретушира историјата и да ја брани својата сопартијка, подобро би било конечно да се огради од зулумите што тие 11 години ги правеа врз македонските граѓани. Зашто македонската јавност не заборавa, жртви беа сите граѓани, а „апликантката“ која денес зборува за човекови права беше токму таа која ги газеше.

Можеби ќе ве интересира

error: Соддржината е заштитена.